Погледнете одблизу: Дали Шкендија навистина доби победа „на тацна“? (ВИДЕО)

Сомнежите околу реванш полуфиналето од Купот на Македонија меѓу Шкендија Арачиново и Шкендија од Тетово продолжуваат да ја брануваат јавноста, по информациите објавени од спортскиот портал на албански јазик „Инфоспорт“.

Според нивните пишувања, дел од фудбалерите на второлигашот од Арачиново не сакале да настапат во второто полувреме поради, како што се наведува, „нечии наредби“. Дополнителен сомнеж предизвика и фактот што од игра беа повлечени неколку од најискусните и најважни фудбалери на тимот.

Особено внимание привлече првиот погодок на Шкендија во завршницата од натпреварот. Видеата покажуваат дека гостинскиот тим не врши силен притисок, а сепак одбраната на Шкендија Арачиново на необјаснив начин лесно ја губи топката, по што следува акцијата за водечкиот гол.

Токму ваквите детали дополнително ги зголемија шпекулациите и прашањата околу случувањата на натпреварот, кој е под лупа поради чудните замени и падот во играта на домашниот тим во второто полувреме. Засега нема официјална реакција од клубовите или од Фудбалска федерација на Македонијa.