Погба: Сакам пак да играме со Милан, но во ЛШ - овие клубови припаѓаат таму!

Манчестер Јунајтед го елиминира Милан во осминафиналето од Лигата на Европа, откако во Милано слави со 0-1, што беше доволно по ремито во Англија. Стрелец на единствениот погодок беше Пол Погба, кој го реши натпреварот. 

Французинот влезе во игра на полувремето, а само четири минути подоцна го постигна голот по големата конфузија во одбраната на Милан. Погба по натпреварот зборуваше за Милан, Ибрахимовиќ и амбициите.

„Среќен сум што направив разлика, Милан сериозно нè измачи во овој двомеч. Иако немаат квалитетен тим како порано, сериозно се борат и со сигурност заслужија повеќе од ова. Ждрепката прерано спои вакви клубови, свесни сме дека игравме можеби потежок натпревар сега, отколку што ќе играме во некоја од наредните фази. Мило ми е што го видов Златан, се гледа дека е вистински лидер на оваа екипа. Се надевам дека ќе сретнеме со Милан и следната сезона, но во Лигата на шампионите, тоа е натпреварување за овие два клуба“, изјави Погба. 

Поранешниот фудбалер на Јувентус се врати од повредата и на одличен начин одговори на довербата на Оле Гунар Солскјер во Милано.