Поднесени кривични пријави против седум „Балисти“ и седум „Војводи“

СВР Тетово денес поднесе кривична пријава против 14 лица под обвинение дека се вмешани во инцидентите со навивачки групи од Тетово, кога беа извикувани националистички, навредливи пароли, а некои од нив фрлаа и со камења и шишиња кон објекти во градот.

На почетокот на овој месец, група навивачи од македонско етничко потекло извикувале навредливи зборови кон Албанците, а потоа навивачки од албанско етничко потекло возвратиле кон Македонците.

Кривична пријава е поднесена против Ж.М.(35), С.Б.(23), С.М.(24), Б.М.(31), М.П.(34), сите од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „насилство” и против Д.Б.(20) од Скопје, М.Б.(28) од Скопје, М.Б.(29), С.Ш.(28), А.Ј.(20), Б.И.(25), Б.Ц.(28), Ш.З.(27), сите од Тетово и В.Т.(17) од село Требош, тетовско поради постоење оснoви на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На втори ноември во периодот од 18:00 до 21:00 часот во Тетово, по повод прославата на 30 години од формирање на навивачка група од Тетово, прво, второ, трето, четврто и петтопријавениот, движејќи се низ повеќе улици, извикувале навредливи пароли.

Следниот ден во периодот од 12.00 до 16.00 часот во Тетово, пред почетокот на натпреварот помеѓу Тетекс и Струга Трим Љум, како и за време на натпреварот, прво, второ, трето, четврто, петто, шесто и седмопријавениот извикувале навредливи пароли.

На 4 ноември во периодот од 12:00 до 15:00 часот во Тетово, пред почетокот на натпреварот помеѓу екипите на Шкендија и Шкупи, осмо, деветто, десетто, единаесетто, дванаесетто, тринаесетто и четиринаесеттопријавениот, движејќи се низ повеќе улици, извикувале навредливи пароли. Притоа, пред угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ пријавените фрлале со камења и стаклени шишиња кон терасата на објектот.