Поддршка за Меси и Фернадез: Ние не сме како нив, Аргентина е слободна земја

Потпретседателката на Аргентина, Викторија Виљаруел, даде остар одговор на критиките кон аргентинските фудбалери, кои ја славеа титулата на Копа Америка со навредливи песни за француските репрезентативци со африканско потекло. 

Таа смета дека никој од нејзината земја нема потреба никому да се извинува и со остар тон даде прилично неочекувана изјава, изразувајќи безрезервна поддршка за сите репрезентативци. 

„Ниту една колонијалистичка земја нема да нѐ заплаши поради песните на теренот или поради тоа што го зборуваме она што луѓето не сакаат да го признаат. Аргентина е суверена и слободна земја. Никогаш не сме имале колонии, ниту, пак, граѓани од втор ред. 

Не сме наметнувале наш стил на живот никому и никогаш нема да толерираме некој да ни го прави тоа нам. Енцо, те поддржувам, Меси, ти благодарам за сите прекрасни моменти. Аргентинците треба секогаш да чекорат гордо и со главите нагоре“, напиша Виљаруел на социјалните мрежи. 

Реакциите на потпретседателката доаѓаат откако дел од фудбалерите на Аргентина беа „распнати“ поради овие песни, а тоа најмногу доаѓаше од француската јавност и тамошните медиуми. Најмногу на „тапет“ беа Лионел Меси и Енцо Фернандез, кој потоа упати извинување, но се шпекулира дека незадоволството на неговите француски соиграчи од Челзи е огромно.