Почнува руската Премиер лига: Зенит против московските гиганти за титулата

Попладнево со натпреварот Арсенал Тула – Динамо Москва официјално почнува новиот шампионат на Русија. Премиер лигата имаше мирен преоден рок, но се очекуваат „бомби“ во текот на овој и наредниот месец.

Со оглед на тоа што во последните три години Русија доби три нови шампиони, Спартак, Локомотив и Зенит, и годинава тешко е да се прогнозира која екипа има најголеми шанси за титулата. Зенит на Сергеј Семак го брани тронот, но уште минатата недела доби сериозна опомена по поразот од 3-2 од Локомотив Москва во Суперкупот на Русија.

Еве како фаворитите за титулата се засилија ова лето:
Зенит:

Алексеј Сутормин (Оренбург), Даглас Сантос (Хамбургер)
ЦСКА Москва:
Никола Влашиќ (Евертон)
Локомотив Москва:
Грегор Криховјак (ПСЖ), Димитри Живогладов (УФА), Муриљо Серкеира (Крузеиро)
Краснодар:
Тони Виљена (Феенорд), Јунес Намли (Цволе), Кајо (Санта Клара)
Спартак Москва:
Езекиел Понсе (Рома), Малком Баду (Волфсбург)
Динамо Москва:
Себастијан Шимански (Легија)

Извесно е дека за титулата ќе се борат московските клубови против Зенит, но Краснодар е тука некаде на работ да се вмеша во борбата за врвот.

Првото коло нуди интересен дуел в понеделник кога ќе се соочат Локомотив Москва и Рубин Казан.