Почнува 31-та сезона, Премиер рекордите во сопственост на Јунајтед и Сити!

Премиер лигата на Англија е создадена во овој формат и систем во февруари 1992 година, со идеја да се подобри фудбалот на Островот и да се врати приматoт во Европа. Со потпишувањето на најголемиот договор за ТВ права започна нова ера во фудбалската колевка. Вечерва започнува 31-то издание на Премиер лигата. Најмногу трофеи од 1992/93 година освои Манчестер Јунајтед - дури тринаесет, а „ѓаволите“ се единствениот клуб со два хет-трика во освоени титули (1998/99, 1999/2000, 2000/01 и 2006/07, 07/08, 08/09). Сер Алекс Фергусон, најодликуваниот тренер во Премиер лигата, ги освои сите трофеи со Јунајтед. Само шест клуба - Манчестер Јунајтед, Арсенал, Ливерпул, Челзи, Тотенхем и Евертон играле во Премиер лигата од нејзиниот почеток - сите 30 сезони (по 1.152 натпревари). Најмногу бодови освои Јунајтед (2.366), потоа Арсенал (2.141), Челзи (2.138), Ливерпул (2.109)... Блекпул, Барнсли и Свиндон по една сезона беа во Премиер лигата, а викендов Брентфорд ја започнува втората. 

Најголем број бодови во една сезона освои Манчестер Сити - 100. „Граѓаните“ победија во сезоната 2017/18 година со оваа магична бројка и станаа шампиони и со рекорден број на бодови, и со рекордна разлика, бидејќи на Јунајтед му побегнаа 19 бода. Најефикасен тим во една сезона е Манчестер Сити со 106 гола (2017/18), а најмалку голови (по 20) постигнаа Дерби Каунти (07/08) и Шефилд Јунајтед (2020/21). Дерби Каунти прими најмногу голови во една сезона (89), додека Свиндон постигна 100, но во 1993/94, кога Лигата имаше 22 клуба. Најмалку голови во сезоната прими Челзи - 15 (2004/05), најдобрата гол-разлика (+79) ја имаше Сити (17/18), а најлошата (-69) Дерби Каунти (07/08).

Најубедливо, на седум кола пред крајот, Ливерпул ја освои титулата во сезоната 2019/20, а избраниците на Јирген Клоп го држат рекордот по бројот на бодови (97) што не беа доволни за титулата (2018/19). Најмногу последователни денови на челната позиција поминале Челзи (2014/15) и Ливерпул (2019/20) - по 274 дена. Најмногу победи во Премиер лигата очекувано оствари Манчестер Јунајтед - 703, а Евертон забележа најмногу порази (414) и најмногу нерешени средби (330). Најмногу победи во сезоната остварија Манчестер Сити (17/18, 18/19) и Ливерпул (19/20), по 32, а најмногу домашни победи, по осумнаесет, впишаа Челзи (05/06) и Јунајтед (10/11).