• Горан Упале

Легендарниот шкотски фудбалер Денис Лоу, најпознат по својата ера во Манчестер Јунајтед, почина во петокот на 84-годишна возраст. Веста ја соопшти неговото семејство, а за фантастичниот напаѓач жалат во Манчестер, Велика Британија и асветот.
„Со тажни срца ве известуваме дека нашиот татко Денис Лоу, за жал, почина. Водеше тешка битка, но сега конечно е во мир“, се вели во соопштението на семејството на Лоу.
Лоу ја започна својата кариера во Хадерсфилд и помина по една сезона во Манчестер Сити и Торино, пред да игра за Манчестер Јунајтед од 1962 до 1973 година, а потоа одигра уште една сезона во Сити. Секој негов трансфер, освен последниот, уриваше британски рекорди по висина на обештетувањето. За Шкотска играше 55 пати и постигна 30 гола.
Со Јунајтед освои две шампионски титули (1965 и 1967 година), еден ФА Куп и два Суперкупа, како и првата титула во Лигата на шампионите во 1968 година, иако цела сезона ја одигра повреден и го пропушти финалето.
За Јунајтед одигра 404 натпревари и постигна 237 гола и е единствениот играч кој има две статуи пред „Олд Трафорд“. Меѓу бројните индивидуални награди се издвојува „Златната топка“ во 1964 година.