Почина легендата на Хамбургер и германската репрезентација, Уве Зелер

Фудбалска Германија деновиве е завиена во црно, откако вчера на 85-годишна возраст почина еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа земја, Уве Зелер. Легендата на Хамбургер, Уве Зелер е роден во Хамбург на 5 ноември 1936 година.

Зелер за Хамбургер играше од 1953 до 1972 година и за тоа време на 476 натпревари 404 пати ја погоди противничката мрежа, додека два гола постигна во дресот на ирскиот Корк за кој одигра само еден натпревар. Во Бундеслигата постигна 137 гола на 239 натпревари, а даде 21 во европските натпреварувања. Со Хамбургер беше шампион на Германија во 1960 година, а го освои и Купот на Германија три години подоцна. Беше најдобар стрелец во Бундеслигата во сезоната 1963-1964 година, а три пати беше прогласуван за најдобар играч на годината, 1960, 1964, 1970 година.

За германската репрезентација одигра 72 натпревари притоа постигнувајќи 43 гола, но не успеа да се искачи на светскиот врв, бидејќи во 1966 година со Германија загуби во финалето од Англија.