Почина легендата на Хајдук која мораше да се пензионира на 26 години!

Тажна вест ја потресе хрватската фудбалска јавност. Иван Гудељ, легендарниот фудбалер на Хајдук и еден од најзначајните играчи на својата генерација, почина на 67-годишна возраст по тешко боледување.

Веста ја објави „Слободна Далмација“, повикувајќи се на повеќе извори. Гудељ целата своја клупска кариера ја мина во дресот на Хајдук, за кој одигра 362 натпревари и постигна 93 гола. Со сплитскиот клуб освои една шампионска титула и два Купа, а кај навивачите остана запаметен како една од најголемите икони на клубот.

За репрезентацијата на Југославија Гудељ настапи 33 пати, а беше дел од тимот на Светското првенство во 1982 година во Шпанија, каде што постигна и гол. Две години подоцна настапи и на Европското првенство.

Неговата кариера, сепак, трагично беше прекината во моментот кога требаше да го достигне врвот. Тешката болест го принуди да се повлече од фудбалот на само 26 години, иако тогаш се очекуваше да направи голем трансфер во некој од европските гиганти.

И покрај предвременото пензионирање, Гудељ остана во фудбалот и се посвети на тренерската работа, особено со младите категории на хрватските репрезентации. Неговата исклучителна животна и спортска приказна беше овековечена и во книгата „Хајдучка приказна“, како и во документарниот филм „Иванова игра“.