Почетино го започна „ремонтот“: Петнаесет фудбалери заминуваат од Челзи

Како што е веќе познато, Маурицио Почетино е официјално поставен за нов тренер на Челзи. Аргентинскиот стратег веќе ги започнал првите планови за реконструкција на тимот кој имаше очајно издание сезонава во Премиер лигата. 

Одамна се знаеше дека неколку играчи ќе го напуштат лондонскиот клуб, а новиот тренер веќе ја составил листата на оние што треба да заминат. Челзи планира да се ослободи од дури петнаесетмина играчи и комплетно да го реконструира тимот за следната сезона. Многумина во Англија сметаат дека овој потег не е доволно оправдан и имаат сомнежи дали новиот играчки кадар веднаш ќе функционира како што треба, но од друга страна, пак, очигледно е дека кај „сините“ се потребни големи промени. 

На листата за „отстрел“ се наоѓаат неколку играчи коишто не добиваа преголема минутажа, но има и такви кои што се сметаат за ѕвезди и Челзи сигурно ќе се обиде да заработи голема сума од продажбата. Најзвучните имиња што заминуваат од тимот се Матео Ковачиќ, Мејсон Маунт, Кристијан Пулишиќ, а исто така клубот ќе се ослободи и од Тревор Чалоба, Рубен Лофтус-Чик и Конор Галагер. 

Сè поизвесно е дека во друг клуб ќе заминат и Хаким Зијеч, Пјер-Емерик Обамејанг, Цезар Аспиликуета и Калум Хадсон-Одои. На листата се наоѓаат и играчи кои ќе бидат слободни агенти, како и оние на кои им истекува позајмицата, а тоа се Н'Голо Канте, Жоао Феликс и Денис Закарија. 

Очигледно е дека Челзи ќе има сосема поинаков лик следната сезона во Премиер лигата. Навивачите се разочарани и оваа сезона ја фрлаат во заборав, а се надеваат дека со новиот тренер тимот ќе успее повторно да се вивне во најголемите височини на англискиот фудбал. Двократниот европски шампипон годинава промени дури четири тренери. Сезоната ја започна Томас Тухел, по него дојде Грем Потер, потоа Френк Лампард беше привремен кормилар на тимот, а сега конечно доаѓа и долгорочното решение во името на Маурицио Почетино.