Почетино ги насмеа фудбалските фанови: САД можат да триумфираат на следниот Мундијал!

Новиот селектор на Соединетите Американски Држави, Маурицио Почетино, привлече големо внимание во јавноста откако даде една навистина оптимистичка изјава поврзана со следното Светско првенство. 

САД ќе бидат ко-домаќини на Мундијалот во 2026 година, а аргентинскиот стратег смета дека неговиот тим има квалитет да стане светски шампион, изјава која наиде на голем потсмев меѓу објективните фудбалски фанови. 

„Мора да размислуваме во насока дека можеме да го совладаме секој ривал. Штом сме веќе на Мундијалот, мислам дека имаме шанси и да го освоиме. Ќе одиме натпревар по натпревар, но знам дека ќе имаме огромна поддршка од публиката. 

Мора во главите да бидеме самоуверени и да мислиме на големи нешта. Сакам да креирам победничка филозофија во оваа екипа. Ќе имаме силни контролни натпревари и ќе се обидеме да оставиме позитивен впечаток. Наречете ме луд, но јас верувам во ова што го зборувам“, рече Почетино. 

Аргентинецот неодамна ја презема селекцијата на Соединетите Американски Држави а јавноста во оваа земја има огромни очекувања од него и од сите во националниот тим.