Почетино: Баерн е најдобар тим на светот, ама ние сакаме триумф!

Предводникот на ПСЖ, Маурицио Почетино го најави реваншот со Баерн Минхен во четвртфиналето на Лигата на шампионите. На прес-конференцијата аргентинскиот стручњак зборуваше за мотивот, го пофали ривалот, а го претстави и здравствениот билтен. 

„Баерн е тим кој игра добар фудбал и нема да го сменат стилот и покрај повредите. Тие се најдобрите во светот и мора да ги почитуваме. Сепак, имаме огромна доза на самодоверба, мора да размислуваме на триумф. Во вакви моменти мора да прикажеме сила, солидарност и стабилност. 

Кога се работи за тимот, Маркињос е под знак прашалник. Можеби ќе биде дел од тимот, ама нема да стартува. Тешко дека Верати ќе стартува, а не се знае ниту за Флоренци. Повикан во тимот ќе биде Моизе Кин, додека Икарди нема да биде на располагање“, изјави Почетино. 

Парижани се во подобра позиција, имаат предност од 3-2 од Минхен, но и помалку проблеми со ростерот. Баерн е десеткуван и без многу важни играчи ќе мора да брка негатива утре во Франција.