• Иван Димовски

Фудбалерите на Шкендија Арачиново запишаа домашна победа над Кожуф од 2-0 (1-0) и се одржаа на врвот во ВМФЛ. Арачиновци речиси рутински го решија натпреварот против ривалот од Гевгелија за деветта сезонска победа. Првиот гол падна длабоко во судиското продолжение на првиот дел, а стрелец беше Нухриа. На стартот на продолжението со автогол беше поставен конечниот резултат во 53. минута.
- Шкендија Арачиново - Кожуф 2-0:
Брегалница одржа чекор со водечката екипа, бидејќи славеше на гостувањето кај Слога Виница со 2-4 (1-2). Домаќинот во Виница успеа прв да постигне гол преку Колишев, меѓутоа до полувремето следуваше пресврт со головите на Масевски и Калпачки. Во продолжението штипјани ја зголемија предноста на 1-3 преку Демири, па домашните вратија еден гол преку Ахмедов. На крајот Брегалница забележа сигурна победа од 2-4 по еден автогол во 80. минута.
- Слога Виница - Брегалница Штип 2-4:
Во вистински трилер меч Охрид го доби Тетекс со резултат 4-3 (1-2). Гостинската екипа имаше предност, но потоа домашните режираа пресврт и победија. Стрелци на головите за Охрид беа Глигоров, Ѓоргоски, Попоски и Затуроски, додека за Тетекс погодија Николовски, Заќири и Салији.
- Охрид - Тетекс 4-3:
Фудбалерите на Скопје речиси рутински го завршија своето против Преспа и славеа со 2-0 на „Железарница“ во Скопје. Победата на скопјани им ја донесе Иса Амир со два гола во првиот дел.
- Скопје - Преспа 2-0:
Најлуд натпревар се одигра во Струмица, каде што Беласица го декласира Вардар Неготино со огромни 8-1. Уште во првиот дел струмичани водеа со високи 5-0, а потоа само ја потврдија победата. За Беласица по двапати погодуваа Коцев, Спиркоски и Милушев, додека по гол дадоа Капсаров и Секирски, додека за гостите реализира Великов.
- Беласица - Вардар Неготино 8-1:
Детонит Плачковица и Новаци одиграа нерешени 1-1 во борбата од средината на табелата. Двата гола на средбата во Радовиш паднаа во второто полувреме, водство за Детонит донесе Сашо Дуков, а израмни Христијан Драгарски.
- Детонит Плачковица - Новаци 1-1:
Осогово ги израдува своите навивачи и ја декласира Победа со огромни 6-0. Тимот од Кочани со по три гола во двете полувремиња стигна до убедливата победа. Ова славје на Осогово му го донесоа Давид Голубов со два гола, како и Ефтимов, Жоглев, Јованов и Петров кои дадоа по гол.
- Осогово - Победа 6-0:
Саса како гостин слави против „фенерџијата“ Големо Коњари со 1-3. Каменичани го надиграа ривалот, во првиот дел водеа со 1-2 и потоа ја заверија победати. За Саса реализираа Мичковски, Симевски и Ајрули, а за домаќинот Табаковиќ.
- Големо Коњари - Саса 1-3:
Лидер на табелата е Шкендија Арачиново со 29 бода, следува Брегалница со 27, па Охрид со 24, 23 има Скопје, а на 22 е Беласица.



