Победа заминува за Банско, договорени се два тест-меча

Македонскиот прволигаш Победа со потполно нов лик и со Тони Магленски на чело на стручниот штаб, пред една седмица ги започна подготовките за претстојните предизвици во домашниот шампионат. 

Прилепчани првата фаза ја одработуваат на домашно тло, а утре експедицијата заминува на 12-дневни подготовки во Банско, Бугарија, каде ќе биде реализирана втората фаза од подготовките на техничко-тактички план.

Покрај веќе договорените контролни натпревари со бугарските второлигаши Пирин Ботев и Пирин Разлог, од редовите на Победа информираат дека ќе бараат спаринг партнери за уште еден, до два тест натпревари со некои од екипите кои исто така се на подготовки во Банско. Во првиот контролен натпревар, прилепчани ја совладаа Беласица со 1-0 во Струмица, а единствениот гол го постигна Гешоски. 

Прилепскиот прволигаш ова лето своите редови ги засили со неколку квалитетни имиња. Пред два дена го претстави Тимовски, а претходно се засили со Драгарски, Маркоски, Каланоски, Мустафов, Манчевски, Жоглев и Ефремов.