Бубања си поднесе оставка, Крчмаревиќ е нов тренер на Победа!

Прилепска Победа ќе добие нов тренер во наредниот период, затоа што актуелниот предводник Славољуб Бубања реши да го напушти Прилеп. Иако влезе во проектот амбициозно и имаше само пофални зборови, Бубања си заминува од Македонија. Причините за оставката се лични, а управата го прифатила неговото барање. 

„Се заблагодарувам на соработката на сите во клубот, на соработнците, на фудбалерите на беспрекорната соработка целиот изминат период и посебно на навивачите, од кои имав подршка како никаде каде сум работел досега. Жал ми е што не освоивме повеќе бодови (оваа пролет само 3 од 15 можни), но сигурен сум дека Победа од оваа ситуација ќе излезе уште посилна и дека ќе го обезбеди опстанокот во Првата лига. Тоа го посакувам од се срце на клубот, ќе ги следам неговите настапи, а Победа секогаш ќе биде во моето срце“, изјави Бубања.

Нов тренер на Победа ќе биде српскиот стратег Слободан Крчмаревиќ. Во стручниот штаб ќе остане и Тони Мегленски. Договорот со Крчмаревиќ е потпишан до крајот на сезоната, со опција за продолжување на уште една сезона ако двете страни бидат задоволни од соработката. Крчмаревиќ е поранешен селектор на младинската репрезентација на Србија, а последен клуб кој го водел му е Рудар.

Прилепчани се наоѓаат на осмата позиција на табелата и ги чека битка за опстанок до крајот на актуелната сезона. Новиот стратег на Победа ќе дебитира на натпреварот против Работнички кој се игра в сабота.