• Иван Димовски

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров ја запишаа првата сезонска победа, во домашниот дуел од третото коло на ПМФЛ против Победа со 4-1 (3-1). Избраниците на Муарем Бајрами по стартниот пораз од Шкупи, успеаја да ги надиграат прилепчани во Ѓорче Петров и прокнижија први првенствени бодови.
Натпреварот тргна фуриозно, бидејќи само шест минути им беа потребни на „лавовите“ да поведат. По една мешаница и лошо расчистена топка, Сефер Емини ја сочека на шеснаесетникот и со ефектен волеј ја прати во мрежата за 1-0. Радоста не траеше предолго, бидејќи Атдхе Мазари стрелаше за израмнување. Течеше 17. минута од средбата, албанскиот напаѓач доби подарок од противничките дефанзивци и го искористи зицерот за 1-1, прв гол за Победа во новата сезона.
Се играше активно, двете екипи беа сигурни во дефанзивата и на средината на теренот, а во цврста игра паднаа четири жолти картони набрзина. Македонија Ѓорче Петров пред полувремето успеа да дојде до двојна предност и тоа за само четири минути. Кристијан Стојкоски со помош на стативата успеа да ја врати предноста за „лавовите“ во добра акција, за потоа Сефер Емини одново да се истакне и со нов гол од околу 20 метри да зголеми на високи 3-1 во 38. минута.
Темпото на игра во второто полувреме опадна, имаше многу замени на двете страни и се играше резервирано. Победа не успеа да се наметне и да го нападне водството на домаќинот, а за тоа стигна казна. Токму еден од резервистите, летното засилување Еду Мена Перез стрелаше за конечните 4-1 во 79. минута од средбата. До крајот потоа немаше преголеми возбудувања и мечот заврши со активниот резултат.
Ова беше прва победа за Македонија Ѓорче Петров во ПМФЛ сезонава, а во следното коло гостува на Брегалница. Од друга страна, прилепчани го запишаа третиот неуспех, во следната рунда гостуваат кај првакот Шкупи и ќе биде чудо ако освојат први бодови.