ВИДЕО: Победа не најде лек за Алексовски, Рушевиќ носи златни бодови за Работнички

Во еден од поубавите натпревари од осмото коло на ПМФЛ, Работнички реагираше по тренерската смена и ја совлада Победа со 1-0 (1-0). Гостите се претставија во одлично светло и заслужија непоразени да се вратат од главниот град.

Привремениот стручен штаб на Работнички, на чело со Стојанче Игњатов, му даде доверба на Шаркоски, кој пред неколку дена се врати во клубот од Дебар маало и веднаш дебитираше против матичниот клуб. Амос и Акугбе добија шанса од првата минута во тимот на Бабунски, но не успеаја брзо да се наметнат.

Домаќините одлично отворија на теренот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и ескпресно поведоа. По прекрасна двојна комбинација на Максимов и Рушевиќ, овој вториот излезе сам пред Тофилоски и рутински го матираше (1-0). По примениот гол се разбуди Победа, но имаше потешкотии да креира шанси. Среќата ја чуваше и Победа, бидејќи Ѓуриќ не реализира зицер, откако претходно стативата го спаси гостинот. 

Но, затоа во вториот дел прилепчани беа евидентно подобри и преку Галевски и Спиркоски креираа можности за израмнување. Во 69. минута ударот на Максимов заврши за малку крајот дирекот на Тофилоски, а на спротивната страна „бомбата“ на Тодоровски профучи преку домашниот гол. Шансата на натпреварот имаше Галевски, кој во 73. минута изби сам пред Алексовски, но домашниот голман му влезе во шутот и го сочува домашното водство.

Одличното темпо го задржаа двете екипи и во финишот, прилепчани покажаа поголема амбиција и веројатно заслужија награда за тоа. Сепак, неискуството и неснаодливоста на напаѓачите скапо ги чинеше момците на Бабунски и поискусниот Работнички го приведе натпреварот кон крај. Во судиското надополнување Ѓуриќ беше исклучен заради два жолти картони и Работнички го заврши дуелот со десетмина. 

Ова е трета победа на Работнички оваа есен и чекор напред кон средината на табелата, а Победа со шест порази во осум натпревари останува на претпоследното место со четири бода.