Победа не беше опција - фудбалерите на Белизе во Хаити ги дочекаа гангстери со пушки (ФОТО)

Селекцијата на Белизе загуби на гостувањето кај Хаити (2-0) во синоќешниот натпревар во рамките на квалификациите за Светското првенство. Сепак, пораз реално беше единствена опција за гостите ако сакаа безбедно да заминат дома. 

Имено, при пристигнувањето во островската земја, автобусот на Белизе бил пресретнат од банда на гангстери кои со автоматски пушки ги дочекаа гостите. Иако имаше присутна полиција, дури и на службените лица им се заканиле со пушки. Некоj од играчите зборуваше за медиумите, ама сакаше да остане анонимен. 

„Одеднаш нè дочекаа наоружани мотоциклисти. Го застанаа нашиот автобус, разговараа со полицијата и ги вперија пушките. Преплашени бевме, некои од нас снимаа, но веднаш ни се заканија да ги избришеме видеата за да нема докази“, стои во излагањето. 

По таквата случка, фудбалерите на Белизе минаа цели два дена во својот хотел, не одработија ниту еден тренинг, а натпреварот беше сè што направија во Хаити. Откако го загубија, веднаш заминаа од оваа земја. 

Иако беше побарано од ФИФА да се смени местото на одигрување, тоа не беше прифатено и фудбалерите на Белизе беа приморани да останат со цел да не бидат санкционирани.