• Зоран Мишевски
Утрре од 14:00 часот се играат три меча со кои ќе биде комплетирано првото коло од Купот на Македонија. Меѓу нив е и дуелот Гостивар – Победа, кој привлекува најголемо внимание.
Второлигашот Победа требаше да биде домаќин во Прилеп, но на барање на Гостивар, мечот ќе се одигра на Стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Баш на овој стадион Гостивар како домаќин ги игра прволигашките мечеви.
Победа излезе во пресрет, во насока за негување на меѓуклупските односи и нема да биде домаќин на овој натпревар. И од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е направена замена, така што наместо Победа, Гостивар е во улога на домаќин.
В среда попладне се играат уште два натпревари од оваа рунда на Купот: Беласица – Македонија ЃП и Башкими – Воска Спорт.