ВИДЕО: Победа го скрши мразот, Брегалница со наведната глава се враќа од Прилеп

Екипата на Победа во својот втор домашен натпревар по враќњето во елитата ја запиша првата радост, откако со минимални 1-0 (0-0) славеше над Брегалница. Големата радост на прилепчани им ја обезбеди Спиркоски со погодок во вториот дел. Со овие три бода Победа конечно го напушти дното на табелата во ПМФЛ и сега со четири бода е на деветтата позиција, пред Работнички и Скопје

Првиот дел од натпреварот пред прилепската публика донесе многу борбена игра од страна на двете екипи, но не и голови. Се играше отворено, шанси се редеа пред двата гола, ама ниту една не заврши во посакуваното место. Прв се закани домаќиниот со две полушанси и еден удар од далечина на Хамза, но Шќекиќ беше на висината на задачата и го сочува својот гол.

Веднаш по мини-иницијативата на прилепчани, пристигна и првото возбудување во режија на штипјани. Николов одлично во празно го проигра Алтипармаковски, кој од полудесно испрати за малку непрецизен удар. До крајот на полувремето Победа имаше уште една неискористена можност, овој пат на Спиркоски, кој со глава биеше покрај гостинскиот гол.

На полувреме морежите мируваа на „Гоце Делчев“, а стартот на вториот дел им припадна на штипјани. Брегалница помотивирано тргна во продолжението и шанси се редеа пред домашниот гол. Тофиловски својата прва интервенција во второто полувреме ја запиша по незгодниот удар од десно на Додев, а неколку минути подоцна искусниот голман одново ги покажа своите квалитети и му одбрани зицер на Алтипармаковски.

И кога шансите нема да се искористат, на спротивната страна пристигна казната. Во 68. минута Шќекиќ рефлексо реагираше по зицерот на Губам, но на одбиената топка налета Спиркоски и ја смести топката во небранетата мрежа за огромна радост на трибините и триумф на Победа од 1-0. Брегалница по примениот погодок со сите сили тргна во офанзива по израмнување, но немаше решение за одличната одбрана на домаќинот, предводена од денес расположениот Тофиловски.

Во следното коло, кое е на програмата наредниот викенд, Победа ќе се судри со Работнички, а Брегалница ја чека гостување кај Скопје.