• Иван Димовски
Фудбалскиот гигант од Португалија, екипата на Порто во новата сезона ќе влезе со нов тренер, бидејќи заврши соработката со Серџо Консеисао.
Португалскиот стратег седум години седеше на клупата на „змејовите“ од Португалија, освои вкупно единаесет трофеи, но најавите се исполнија и тој си заминува од Порто. Консеисао побарал раскин на договорот со клубот, а одлуката на управата е да му дозволи да замине. Една од главните причини за неговото заминување е промената на претседателството во Порто, бидејќи сега на таа позиција дојде Андре Виљаш Боаш, со кој тренерот не е во најдобри односи.
Иако имаше договор кој неодамна го потпиша до 2028 година, Консеисао и Порто се разделија по крајот на веќе завршената сезона. Со Порто стручњакот трипати беше португалски првак, четири пати го крена трофејот во Купот, еднаш во Лига Купот и освои три трофеи во Суперкупот на Португалија.
Како следен клуб на Серџо Консеисао се споменува Олимпик Марсеј, со кој веќе некое време преговара. Португалецот пред неколку месеци се поврзуваше и со Милан.