• Иван Димовски
Пол Погба е на чекор од големо враќање по пауза подолга од две години. Како што пренесува „Л'Екип“, Монако го вклучи Французинот во плановите за дуелот викендов, што може да значи негов прв настап од 3 септември 2023, кога последен пат заигра за Јувентус.
Погба беше суспендиран поради позитивен допинг тест, но неговата казна беше намалена на 18 месеци, па му беше дозволено да се врати од март 2025. Монако му даде нова шанса и тој потпиша договор на две години.
Конечно делува дека францускиот играч за врска стигна до оптимална физичка подготвеност, одработи цел тренинг без проблеми и се очекува да биде во тимот за гостувањето кај Рен.
Во клубот велат дека постепено ќе го вратат во натпреварувачки ритам, а Погба има јасна амбиција повторно да заигра за Франција на СП 2026, каде досега има 91 настап и 11 голови. Тренерот Себастијан Покоњоли верува дека неговото искуство може многу да значи за тимот кој моментално е шести во Лига 1.







