По нецела деценија „градот на шампионите“ пак ќе биде домаќин на финале во ЛШ!

Финалето на Лигата на шампионите на УЕФА, за сезоната 2026/27 ќе се игра на стадионот „Ванда Метрополитано“, домот на Атлетико Мадрид. Оваа информација ја откри претседателот на шпанската фудбалска федерација Рафаел Лузан.

„Оваа година, Шпанија ќе биде домаќин на финалниот натпревар во Лигата на Европа, кој ќе се одигра на „Сан Мамеш“ во Билбао, а ние исто така го имаме загарантирано финалето на Лигата на шампионите во 2027 година на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид“, рече Лузан.

Стадионот „Ванда Метрополитано“ веќе беше домаќин на финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во 2019 година кога Ливерпул го совлада Тотенхем. Лузан откри и дека на стадионот на Атлетико Мадрид нема да се играат натпревари од Светското првенство во 2030 година, бидејќи предност доби „Местаља“ во Валенсија.