По една година Баже Илијоски се раздели со Шкупи

По една година бранење на боите на Шкупи, првиот стрелец во историјата на Првата македонска фудбалска лига, Баже Илијоски, се реши да го напушти тимот од „Чаир“. 

Искусниот голгетер, оваа информација ја објави на социјалните мрежи и им се заблагодари на клубот, соиграчите и навивачите за убавите денови минати на „Чаир“. 

„По една убава година помината на „Чаир“, сакам да им се заблагодарам на моите колеги и на клубот Шкупи, со кои достоинствено и со чист образ се боревме до крај и испишавме историја. Најголема благодарност до „Шверцери“ за големата поддршка што ја даваа цело време и бев прифатен како долго време да сум член на клубот. На Шкупи му посакувам среќа и големи успеси во иднина“, напиша Илијоски на Фејсбук. 

Во својата богата фудбалска кариера, 34-годишниот скопјанец, покрај за Шкупи, во македонското првенство настапуваше уште за Пелистер, Работнички и Металург.