По единаесет години Едвин ван дер Сар го напушти Ајакс

Едвин ван дер Сар не е повеќе извршен директор на Ајакс, објави гигантот од Амстердам. Тој своите обврски ќе ги префрли на Управниот одбор, почнувајќи од први јуни, иако клубот побара тој да остане на функцијата до први август за да се грижи за трансферите во летниот преоден рок.

Ајакс оваа сезона ја заврши без трофеј, во финалето на Купот беше поразен од ПСВ, додека шампионската титула му припадна на уште еден голем ривал, Феенорд.

„По речиси единаесет години, мојата работа е завршена. Заедно доживеавме убави работи, но имаше и тешки моменти.

Во овој момент, мислам дека не е добро јас да бидам тој што ќе донесува одлуки за доброто на овој прекрасен клуб. Затоа решив да се повлечам“, изјави Ван Дер Сар, кој во клубот започна како маркетинг директор, а извршен директор е од 2016 година.

Ајакс имаше разочарувачка сезона, која што ја заврши на третата позиција и првпат по 2010 година нема да игра во Лигата на шампионите.