ВИДЕО: По два гола на Бесарт Ибраими и Жуниор, Шкендија се искачи на второто место

Во натпревар кој наликуваше на оној од 15. коло против Ренова, првакот Шкендија пред своите гледачи го победи Шкупи со 4-0 (3-0) и по поразот на Академија Пандев од Вардар во Струмица, изби на делба на второто место во пресрет на последното есенско коло и дербито со Вардар во Скопје. 

Гостинскиот тренер Ќатип Османи со громогласен аплауз беше награден од тетовската публика како благодарност за освоените трофеи со „црвено-црните“ од под Шара. Дуелот не можеше подобро да започне за шампионот. Во втората минута грубо погреши одбраната на гостите, Хусмани го пронајде Бесарт Ибраими, а овој со прецизен удар го матира Алексовски (1-0).

Пет минути подоцна од идентична позиција и Агим Ибраими дојде до голема можност, но не биеше така прецизно како Бесарт на стартот. „Сините“ конечно заиграа како што знаат и на средина од првиот дел се заканија преку Ламине Диак, но Захов беше вмимателен. 

Офанзивно поставените гости, заборавија на одбраната, па Агим Ибраими излезе сам пред Алексовски на половина од првиот дел, но биеше централно и пропадна колосална шанса за зголемување на водството. Во 27. минута повторно се тресеше мрежата на скопјани. Мици додаде во празно, Стенио Жуниор се прикраде покрај дефанзивците на Шкупи, го мина Алексовски и ја пласира топката во празната мрежа (2-0). 

Домашните напади не престануваа, Агим Ибраими од слободен удар и Бесарт Ибраими со глава сериозно се заканија во обид за трет гол. Во 41. минута Адили го сруши Агим Ибраими и главниот судија покажа на белата точка. Бесарт Ибраими го матира Алексовски и со својот втор гол зголеми на 3-0. Со овие два гола Ибраими е најдобар стрелец во историјата на ПМФЛ, минувајќи го на врвот Баже Илијоски. 

Вториот дел започна со далеку послабо темпо, топката почесто ја имаа фудбалерите на Шкупи, но Захов немаше многу проблеми и заканите на гостите беа само јалови. Јусуфи во 60. минута сериозно се закани, но Захов со крајни напори ја исфрли топката во корнер. 

На средината од вториот дел Радески го замени Имери, со што Ернест Ѓока го освежи офанзивниот дел од тимот. Шанса во последните 15-тина добија и Фазли и Тотре, а Ѓока ги повлече Бесарт и Агим Ибраими. На влезот во судиското надополнување, Стенио Жуниор со својот втор гол ги постави финалните 4-0. На голот му претходеше акција на Радески и одбиена топка од Алексовски. 

Мирно беше приведен натпреварот кон крај, а неколку илјадните љубители на фудбалот задоволни го напуштија „Градскиот стадион“ во Тетово.