• Горан Упале

Башкими експресно реагираше по убедливиот пораз од 6-0 против Силекс во првото коло од Првата македонска фудбалска лига. Кумановскиот клуб во еден ден промовираше дури десет нови фудбалери, со цел што побрзо да го засили ростерот за продолжението од сезоната.
Нови членови на Башкими се стоперите Џулинај Капланај и Андреј Љубевски, играчите за врска Габриел Тенлеп, Андри Стафа, Клаудио Мартинез и Мал Јанузи, левиот бек Билал Исени, крилните напаѓачи Фавзи Јахаја и Антонио Мијамона, како и напаѓачот Теодор Мирчевски.
Меѓу засилувањата има интернационалци од Албанија, Камерун, Нигерија и Германија, како и неколку фудбалери кои веќе имаат искуство од македонскиот шампионат. Тенлеп и Исени претходно настапуваа за Воска Спорт, Мирчевски доаѓа од Борец, а Љубевски беше дел од Саса.
Иако клубот значително го прошири играчкиот кадар, останува прашањето дали овие промени ќе донесат брз резултат. На новите фудбалери ќе им биде потребно време да се воиграат, па пред стручниот штаб на Башкими претстои сериозна задача да создаде конкурентен тим по лошиот старт на сезоната.






