По 23 години меѓу стативите, Роберт Грин ја заврши кариерата! 

Роберт Грин (39), голманот на Челзи, објави дека ја завршува својата професионална кариера, откако го освои својот прв трофеј од европско натпреварување. 

Кариерата на искусниот голман траеше цели 23 години, во кои ги чуваше мрежите на Норвич, Вест Хем, Квинс Парк Ренџерс, Лидс, Хадерсфилд и Челзи, додека зад своето име има запишано и 12 настапи за Англија

„По неверојатната вечер во Баку, по 23 години кариера, одлучив да се пензионирам. Славјето со овие неверојатни момци беше вистинскиот момент да се простам од оваа игра. Уживав во секој момент од мојата кариера, играв со најдобрите светски фудбалери и горд сум на тоа“, рече Грин. 

Роберт Грин во редовите на Челзи пристигна пред една година со задача да им помогне на младите голмани, а по крајот на кариерата да продолжи во стручниот штаб на „сините“.