• Горан Упале
Со доаѓањето на Ненад Бјелица на клупата на Динамо Загреб, навивачите на овој тим се надеваат дека започнала нова ера. На еден ден пред натпреварот со Монако во Лигата на шампионите се појави вест дека клубот може да добие засилување во одбраната, а се работи за поранешен играч на Манчестер Јунајтед.
Поради лошиот старт на сезоната „модрите“ се обидуваат да ја засилат одбраната, а последните информации кои ги објавија хрватските медиуми велат дека Брендон Вилијамс е понуден на Динамо.
Станува збор за момче кое е слободен играч од ова лето по заминувањето од Манчестер Јунајтед, клубот во кој всушност израсна. 24-годишниот Вилијамс е роден во Манчестер и од свои осум години беше дел од славниот англиски клуб, прво во академијата, а од 2019 година во првиот тим на „ѓаволите“.
Тој е лев бек кој може да игра и на десната страна доколку е потребно, па сигурно би претставувал сериозно засилување за хрватскиот шампион. „Сините“ се натпреваруваат во Лигата на шампионите, оваа сезона ја бранат двојната круна освоена минатата сезона во Хрватска, а за поранешниот млад англиски репрезентативец доаѓањето на „Максимир“ може да биде полн погодок.