ПМФЛ: Вардар е есенски хит, „пандевци“ паднаа во криза, Работнички најмногу разочара

Со одигрувањето на 18. коло се спушти завесата во есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Време е за анализа, во која се сумираат впечатоците од одиграното и од прикажаното на секој тим. Дефинитивно, Вардар е најсветлата точка, а оној што најмногу разочара е Работнички.

Ако некој пред стартот на сезоната кажеше дека Вардар ќе биде лидер со дури осум бода повеќе во однос на Шкендија, никој немаше да му верува. „Црвено-црните“ доживеаја многу сопки пред стартот на ПМФЛ, меѓутоа, тимот воден од младите сили стана хит на есента.

Стартниот пораз од Македонија Ѓорче Петров и ремито со Борец се покажаа како само две лоши епизоди за тимот на Александар Васоски, а останатото само по себе е чудо. Со оглед на тоа што тимот се соочи со беспарица, остана без лиценца за Европа, следеше и трансфер-забрана од ФИФА, резултатите што Вардар ги постигна оваа есен под палка на популарниот „тетовче“ се за наклон до под и секоја почит.

Колку гореспоменатите настани донесоа лошо, толку донесоа и добро за македонскиот фудбалски бренд. Ќе се прашате зошто? Едноставно е, младите играчи кои Вардар ги доби на располагање „вредат злато“ и за клубот и за репрезентативниот фудбал. Адем, Ибиши, Младеновски, Серафимов, Димовски и останатите се „дијамантите“ на Вардар кои треба внимателно да се брусат и да се чуваат. Секако, голема заслуга за резултатите на тимот имаат и капитенот Филип Гачевски, најдобриот играч на полусезоната Даниел Аврамовски, Жунињо, Најдовски, Мицевски, Цветановски... кои го понесоа товарот и се бореа машки на фронтот за бодови. Клупската управа сега е на потег, да ги награди овие момци за постигнатото и да ги чува младите на подлог рок.

Вардар има осум бода предност во однос на актуелниот првак Шкендија, кој се извлече од кризата и дојде до втората позиција. По дебаклот во Европа, стартот во лигата исто така беше катастрофален за тетовчани. Но, сега може да се каже дека се во поволна ситуација во однос на она што беше претходно. Тренерската смена вроди плод, Ѓока донесе свежа енергија во тимот, па битката за титулата се уште е отворена и ќе продолжи во пролетта. Како пех ќе се памети ангажманот на бразилскиот фудбалер Хуан Фелипе, кој го предаде Вардар, потпиша за Шкендија, зеде високи пари, но никогаш не ги оправда очекувањата. Есента ќе се памети и по рекордот на Бесарт Ибраими, кој стана најдобар стрелец во историјата на ПМФЛ и на листата го мина Баже Илијоски.

Од останатите прволигаши, Академија Пандев е во длабока криза, седум меча по ред нема победа во ПМФЛ, па котира како третопласирана. Паузата сигурно ќе биде дојбредојдена за тимот на Југослав Тренчовски кој се соочи со голем пех и остана без Љупчо Дориев, најдобриот играч, пред најважните предизвици во ПМФЛ и дерби-мечевите со конкурентите.

Македонија ЃП и Силекс завршија и тоа како добра работа во есенскиот дел и котираат високо на табелата и се во борба за Европа. „Лавовите“ по доаѓањето на Шенсоа влегоа во ритам, додека Силекс го направи Кратово „неосвојлива тврдина“ и со бодовната залиха на домашен терен држи висока позиција во ПМФЛ.

Кај новајлиите, Струга Трим Љум како дебитант и Борец како повратник исто така ги оправдаа очекувањата кај љубителите на фудбалот, веројатно и кај управите, затоа што стружани имаат 24, а велешани 20 бода, нешто што можеби беше незамисливо пред стартот.

Шкупи се наоѓа на седмата позиција, но има бодовна залиха за борба за Европа. Тимот на Ќатип Османи го пореметија двата порази во низа од Шкендија и Македонија ЃП. Ренова е претпоследна, „гипсарите“ имаа проблеми со играта, но и со арбитражата на одредени средби, додека како најголемо разочарување може да се оцени Работнички.

Некогашниот македонски првак кој е закован на дното, позиција во која никогаш не бил досега во клупската историја барем во последните петнаесетина години. „Романтичарите“ сме навикнати да ги гледаме во еврокуповите, но оваа сезона тешко дека ќе има такво нешто, барем преку лигата. Уште им е отворена шансата преку Купот на Македонија, но таму чека реванш со Шкендија.

Сезоната во мак-фудбалот продолжува во средината на февруари, а останува да видиме што тимовите ќе направат во текот на зимата, односно како ќе се подготват и што ќе пазарат, за да го подобрат квалитетот и на тимот и на мак-фудбалот.