ПМФЛ: Шампионот ја отвора сезоната, „вечното“ дерби во петок и под рефлектори

Како што беше веќе најавено, новата сезона во Првата македонска лига ќе започне в петок, на осми август, а овој ден навивачите ќе имаат можност да проследат два дерби натпревари. 

Најпрво првенството ќе го отворат екипите на Шкендија и Шкупи, кои ќе се сретнат во Тетово во терминот од 17:00 часот, а три часа подоцна силите ќе ги одмерат вечните македонски ривали, Вардар и Пелистер. Скопската и битолската гордост повторно ќе ги „вкрстат копјата“ на Арената „Тодор Проески“, и тоа под рефлектори, во вечерниот термин од 20:00 часот. 

На деветти август на програмата ќе имаме два меча (Башкими - Арсими и Струга Трим Лум - Македонија ЃП), а ден подоцна во Кавадарци ќе го проследиме дуелот меѓу Тиквеш и Работнички

Првото коло во ПМФЛ ќе се комплетира со мечот помеѓу Силекс и Брера Струмица, кој ќе се одигра в понеделник, 11 август, на стадионот во Кратово.