ПМФЛ од наредната сезона ќе се пренесува на МТВ и Арена Спорт!

ФФМ Арена

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, потврди дека постигнат е договор со спортскиот канал Арена Спорт за пренесување на натпреварите од ПМФЛ за сезоната 2019/20.

Во пакетот се вклучени два директни преноси од секое коло (сабота и недела), кои исто така ќе се пренесуваат на МТВ 1.

„По успешните преговори, задоволство е да објавиме дека постигнавме договор околу телевизиските права за натпреварите од ПМФЛ. Добивме понуда и правата ги отстапуваме на Арена Спорт. Со ова праќаме широка порака. Ова е порака дека фудбалот го враќаме на телевизија низ директни преноси, свесни за важноста на нашата соработка со Арена Спорт како водечки регионален спортски канал и МТВ како национален сервис. Од друга страна, ова е голема можност и за клубовите, не само поради тоа што сега се ослободени од плаќање котизација за настап во домашниот шампионат, туку многу повеќе, заради вниманието кое ќе го добијат и можноста за своја промоција во секоја смисла. Со емитувањето на регионален канал се зголемува и одговорноста кај нив, но и кај судиите и сите други чинители. Наша задача е да го чуваме имиџот и вредностите на нашиот фубал и да работиме да биде уште поуспешен и попопулареен. ФФМ останува сервис на клубовите за подобрување на имиџот и што е можно подобра презентација на домашната лига. Само заеднички можеме да му покажеме на регионот дека и во нашата држава има силни екипи, добри фудбалери и квалитетен фудбал“, вели Сејдини.

Натпреварите од ПМФЛ првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе се емитуваат на регионален спортски канал.