ПМФЛ ќе брои 12 екипи, Пелистер и Беласица повратници во елитата!

Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука од следната сезона најквалитетното друштво да брои два клуба повеќе, поради системот на натпреварување по кој ќе се доигра сезоната.

Оваа сезона ќе има плеј-оф и плеј-аут, а нема да има испаѓање, што значи дека сите учесници се сигурни во елитата. Така, лигата ќе се прошири за два тима, а најдобрите две екипи од Истокот и од Западот, екипите на Беласица и Пелистер, ќе обезбедат промоција. До прекинот, Беласица имаше минимална предност пред Брегалница, а Пелистер осетно се одлепи од Скопје и Лабуништа.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 се на првото место на табелата од ВМФЛ-Исток и ВМФЛ-Запад“, се вели во соопштението на федерацијата.

Беласица се враќа експресно по само една, а Пелистер по две сезони во најсилната фудбалска категорија во Македонија. Нашиот најпопуларен спорт добива два култни клуба, многу навивачи и полни стадиони.

Со оваа одлука падна во вода опцијата за Прва лига со 14 екипи, како би им се дало награда на второпласираните екипи во Вторите лиги, Скопје и Брегалница од Штип. Организаторот на натпреварувањето треба дополнително да одреди колку екипи ќе ја напушта Првата лига во сезоната 2020/21 и кога ќе започне следниот шампионат. 

Прволигаши 2020/21:
Вардар
Шкендија
Силекс
Академија Пандев
Ренова
Македонија ЃП
Борец
Струга Трим Љум
Работнички
Шкупи
Пелистер
Беласица

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) наскоро ќе се огласи со соопштение, а се очекува појаснување за останатите натпреварувања, односно ВМФЛ и Третите лиги и каква е нивната судбина.