ПМФЛ: Дeвет желби за круната на фаворитот Шкендија

Овој викенд почнува новиот фудбалски шампионат на Македонија, со тетовска Шкендија како апсолутен кандидат за тронот. Титулата која минатата сезона им донесе многу рекорди, цврсто стои во витрините на тетовскиот прволигаш, а девет други тимови ќе ја нападнат во следните девет месеци.

Еве како сите десет прволигаши го дочекуваат новиот шампионат на ПМФЛ:

Шкендија

Тетовчани со високо поставени амбиции влегуваат во новата сезона. Цел повторно е двојната круна, но настапите на домашен фронт ќе зависат и од многу други фактори. Тимот го загуби капитенот Ферхан Хасани, си замина и Ардиан Цуцули, но и покрај тоа, избраниците на Османи покажаа одлична игра во евроспките натпревари и преку ТНС и Шериф Тираспол дојдоа до третото коло во Лигата на шампионите. Се наоѓаат пред елиминација од најквалитетното европско фудбалско натпреварување, но широко им се отворени вратите за пласман во групите на Лигата на Европа. Досега само Вардар успеал да игра во групите на едно од натпреварувањата на УЕФА, но затоа данокот го зема „домашната битка“, која ја загуби на убедлив начин. Ќе успее ли Шкендија да влезе во Европа и да ја повтори доминантната домашна сезона?

Вардар

Со многу турбуленции и неуспешен европски двомеч против Пјуник во Европа, најтрофејниот фудбалски клуб влегува во новата сезона. Вардар има изменет лик во однос на лани, целиот тим е нов, разликата, барем на хартија меѓу ланските и овие играчи е голема, а има и нов тренер, во Александар Васоски, кој долги години беше асистент во овој клуб. Вардарци покажаа инфериорност на досегашните средби. Можеби сета таа слабост беше поради невоиграноста на новиот ростер, па останува да видиме што ќе биде со тимот оваа година. Се најавуваше помоќен Вардар, се донесоа играчи од Бразил, Аргентина, како и неколку наши интернационалци. Лира, Бала, Херанц, Јуфо, Талески... се новите вардарци, арно ама првите впечатоци не се најблескави. Навивачите посакуваат враќање на титулата во витрините, но јавноста е песимист, според игрите кои клубот ги прикажа во Европа, против далеку послабиот ривал на хартија од Ерменија.

Работнички

Ѓоре Јовановски дојде лани во Работнички и успеа тимот да го извлече од калта, па и да му донесе европско лето. „Романтичарите“ не се прославија, завршија уште во првата фаза од квалификациите за Лигата на Европа каде беа елиминирани од Хонвед, па целосниот фокус е вперен кон домашната сцена. Дебармаалци секоја година ја претставуваат Македонија во Европа, па токму тоа е целта на тимот и оваа сезона. Најавена е борба за една од горните позиции на табелата, а дополнително за Работнички радост носи и новата финансиска инјекција од новиот спонзор „Сеавус“. Во популарниот „клуб-херој“, пристигнаа Бопесу, Пеев, Шаркоски, Стевановиќ...

Шкупи

Чаирчани се вратија по 14 години во Европа, но ја доживеаја судбината на Вардар и Работнички. Шкупи испадна уште во првото коло, но не се посрамоти, затоа што му покажа „заби“ на Глазгов Ренџерс. Искусниот тим на Зекрија Рамадани по падот на доминантниот Вардар важи за втор најсилен во нашата земја, а останува да видиме дали прогнозите за подобар пласман во однос на лани ќе станат реалност. Скопскиот прволигаш не претрпе големи промени ова лето во играчкиот ростер, па засилен со нови имиња ќе атакува на нов настап во европските купови в година.

Силекс

Кратовчани се тимот кој направи најмногу промени во овој преоден рок. Целиот тим кој лани му беше на располагање на Жикица Тасевски е „распуштен“, па Силекс со нови 15 фудбалери ќе брка нов настап во еврокуповите. Иако пред крајот на ланската сезона со едната нога беше во Лига Европа, Силекс потфрли во последните кола, а тоа донесе и комплетен ремонт. Не им беа продолжени договорите на првотимците Митровиќ, Гуцев, Бујчевски, Стојчевски, Глигоров, Тимовски... а во Кратово пристигна свежа крв, во Петар Љамчевски, Дурански, Стефановиќ, Мбела, Миленковски, Десниќ...

Ренова

Како и секоја сезона не можете да бидете начисто со реалните можности на Ренова. Навидум секоја година со поскромен играчки кадар, но секогаш со добро имплементиран систем на игра, кој буди емоција и допадлив фудбал. „Гипсарите“ доведоа сум нови имиња и од нивното вклопување во мозаикот зависи и сезоната на екипата. Билали, Пантовиќ, Рамадани, Бериќи, Ристевски, Зука, Сулејмани и Максути се адутите за посилна Реноава сезонава.

Победа

Голем плус е ентузијазмот, а минус неиграњето во Прилеп трета сезона по ред. Некогашниот шампион и освојувач на Купот пак мора да бара алтернативен терен, а тоа воопшто не е лесно. Организационата структура порасна, Стојковиќ го зазеде претседателското место, Мегленски е кормиларот, а екипата е значително засилена за разлика од минатата сезона. Tимовски, Драгарски, Маркоски, Каланоски, Мустафов, Манчевски, Жоглев, Ефремов и Американецот Нвабуезе се новајлиите, кои треба да го издигнат тимот на ниво погоре од минатосезонското.

Академија Пандев

Определбата пак да се натпреварува со млади сили е мотото на Академија Пандев и оваа сезона. Струмичани доведоа имиња за иднината, а целта сезонава во ПМФЛ ќе им биде сигурно место на средината на табелата, без големи падови како во пролетниот дел од минатата сезона. Доведен е Стефан Костов, младите Михаилов, Маневски, Папули, дојдоа и Стојчевски, Темелков, Јованов, српскиот голман Чубраковиќ и денес искусниот Ацо Стојков. Голем дел од носителите на играта од минатата сезона заминаа и веројатно ќе биде потребно време за воигрување на тимот. 

Беласица

Тренерската смена и доаѓањето на Србинот Живковиќ е круцијалната промена на новиот прволигаш Беласица. Култниот клуб од источниот дел од земјата по долга пауза се врати во елитата и за таа потреба дискретно се засили. Драган Стојков, Александар Милушев, голманот Вујанац, голгетерот Зоран Балдовалиев, треба да ги направат „сините“ компетитивен тим кој во првата сезона има за цел стабилизација како прволигаш. Беласица порасна на организацинен план, што е предуслов за добра сезона.

Македонија ЃП

Бразилецот Паулиста Де Соуса треба да биде најголемо засилување на „лавовите“ во новата сезона. За Македонија ЃП потпишаа и Илирид Адеми и уште четири „кариоки“ Робсон Да Силва, Леовижилдо Жуниор, Жан Карлос Дос Сантош Оливеира и Карлос Да Силва Робињо. Вкупно 15 нови имиња пристигнаа во „црвено-жолтиот“ дрес, па тренерот Александар Таневски ќе има полни раце работа да го склопи тимот. „Лавовите“ се непознаница, основна цел треба да им биде опстанокот, но тешко е да се прогнозира лимитот на новиот прволигаш.