• Саше Љолес
Поранешниот шпански фудбалски гигант, Депортиво Ла Коруња, конечно се избори за промоција и од следната сезона ќе настапува во втората лига, попозната како Сегунда.
Славниот клуб долги години се мачеше со финансиските проблеми, но повторно е на „здрави нозе“ и навивачите имаат многу причини за задоволство. Еден од најзаслужните за враќањето во втората лига е напаѓачот Лукас Перез, кој направи еден навистина неверојатен потег за да се врати во својот омилен клуб и да му помогне во тешкиот период.
35-годишниот Перез реши самиот да си го откупи остатокот од договорот со Кадиз и на управата ѝ исплати сума од 493.000 евра за да стане слободен играч, по што веднаш се врати во својот роден град. Повторно потпиша за Ла Коруња, беше еден од најдобрите поединци и сезонава придонесе со вкупно 17 голови на 32 одиграни натпревари, а воедно го постигна и клучниот погодок со кој Депортиво се избори за настап во ранг погоре.
„Не можев да го гледам мојот омилен клуб во третата лига. Ми се кинеше срцето и ме болеше душата. Сакав да дојдам порано, но имав проблеми во Кадиз. Најдов начин да го раскинам договорот и воопшто не ми е жал за парите. Ла Коруња е светост, одиме понатаму“, изјави Перез, за кого навивачите велат дека мора да добие статуа пред стадионот.
Над 30.000 навивачи го прославија „кам-бекот“ на Ла Коруња во Сегунда, а нивните миленици им возвратија со минимална победа над Барселона Б со конечни 1-0. Лукас Перез во кариерата настапуваше за Рајо Ваљекано, Депортиво Ла Коруња, Кадиз, Елче, Алавес, Арсенал, Вест Хем, ПАОК и украинскиот Карпати.