ВИДЕО: Пјуник го расплака Шкупи и го разбуди од европскиот сон

Екипата на Шкупи е третиот македонски претставник кој испадна од квалификациите за Лигата на Европа, затоа што на домашен терен загуби од Пјуник (1-2) и со вкупен резултат од 4-5 доби „сопка“ уште во првото коло, исто како и лани.

Чаирчани влегоа на овој меч со големи амбиции, најавуваа спектакл и атак на триумфот, меѓутоа, Пјуник се покажа како поефикасен ривал кој ги искористи своите шанси и се чекира во наредната рунда. Не помогна ни публиката, која беше околу 13.000 гледачи, поради бесплатните билети и отворените врати за овој меч. Шкупи во европските мечеви е четвртата македонска „жртва“ на Пјуник, по Победа, Тетекс и Вардар, а нашите тимови остануваат без ниедна победа во меѓусебните мечеви.

Дуелот почна кошмарно за македонскиот тим, затоа што уште во 7. минута од мечот гостинот го отвори резултатот со маестрален погодок. Реализатор беше Једигарјан, кој биеше моќно од триесетина метри и го совлада Клер. Нападот на домашните беше пасивен, чекаше долго на првата сериозна шанса, па затоа во 31. минута по една контра Миранјан казни и во 31. минута зголеми на 0-2.

Првата сериозна шанса Шкупи ја имаше дури на стартот на второто полувреме, кога по една нафрлена топка од корнер биеше Бајрами, но истата заврши само во пречката од голот на Пјуник. Потоа Пјуник имаше шанса и за трет гол, но во 52. минута бразилскиот голман Клер фантастично одбрани, за потоа на наредна прилика да се чека до 75. минута, кога Јурина излезе од левата страна и шутираше, но Драгојевиќ беше на вистинското место.

Иницијативата на Шкупи донесе погодок во 83. минута, кога Марин Јурина го крена стадионот на нозе. Билали одлично влезе по левата страна и виде дека напаѓачот на чаирчани е сам, па го проигра, а тој со леснотија погоди во празната мрежа. По постигнатиот гол на Шкупи следеа мали тензии на терен во кои настрада Сержињо, кој доби директен црвен картон. Пред самиот финиш, Дарко Илиески имаше зицер ситуација да постигне гол за 2-2 и пласман во наредната рунда, но топката профуче крај неговата глава.

Поради триумфот во Скопје, екипата на Пјуник во 2. квалификациско коло од Лигата на Европа ќе игра против чешки Јаблонец. Поради елиминацијата на Македонија ЃП, Академија Пандев и Шкупи, единствена македонска екипа во Европа е Шкендија, која игра второ квалификациска рунда на Лига Европа со Дуделанж.