ВИДЕО: Пјаца и Дани Алвес го освоија Порто и Јуве е пред вратите на четвртфиналето

Италијанскиот шампион Јувентус се наоѓа пред пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако на „Драгао“ го совлада Порто со 0-2 (0-0) и има огромна предност воочи реваншот. Јуве настапи без Леонардо Бонучи, кој клубот го казни заради пцовките кои му ги упати на Алегри на натпреварот со Палермо во петокот.

Првата закана ја упати Алжирецот Брахими од слободен удар во 5. минута, но биеше преку голот на Буфон. Сепак, по добриот почеток екипата а Нуно Еспирито Санто на половина од првиот дел остана со човек помалку, откако бекот Алекс Телес заради два жолти картони заработи исклучување и ја остави својата екипа еден час од натпреварот со човек помалку. Повлечен од игра беше Андре Силва и со само еден напаѓач Порто се обиде да парира.

Следеа серија на шанси на „старата дама“ до одморот. Квадрадо се обиде од далечина. Кедира со глава и во 40. минута Игуаин со левата нога, но Италијанците или не беа прецизни или наидоа на одличниот Икер Касиљас.

Најзрелaта шанса ја имаа гостите во последната минута од првиот дел, кога ударот на Пауло Дибала заврши во стативата на веќе совладаниот Касиљас.  Вториот дел започна со оправдано поништениот гол на Дибала, заради недозволена позиција во 47. минута. Порто возврати со ударот со глава на капитенот Херера, но ударот на Мексиканецот со глава заврши крај дирекот. 

Момците на Алегри постојано ја имаа топката во нозете, но цврстиот блок на Нуно одолеваше и успешно се бранеше. Во 58. минута ударот на Сами Кедира заврши над пречката на Касиљас. Алегри ги внесе Пјаца и Дани Алвес во последните 20 минути за да му даде повеќе креација на нападот.

Токму новајлиите по само пет минути на теренот постигнаа два гола. Најнапред среќно топката стигна во Пјаца, кој од работ на казнениот простор со прецизна дијагонала ја погоди мрежата на домаќините (0-1). Не поминаа ниту три минути, а по центаршутот на Алекс Сандро, неговиот сонародник Дани Алвес со прием на гради и волеј со левата нога зголеми на 0-2. Младиот Хрват во 87. минута му подготви зицер на Кедира, но ударот на Германецот заврши крај дирекот.

Сепак и со 0-2 екипата на Алегри е многу блиску до четвртфиналето на Лигата на шампионите и покрај фактот што се игра реваншт во Торино на 14 март.