Пижон: Црвена Звезда е длабоко поврзана со македонскиот фудбал!

Легендарниот фудбалер на Црвена Звезда, Владимир Петровиќ - Пижон беше еден од гостите на хуманитарен натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда, кој се одигра пред повеќе од 20.000 публика на Градскиот стадион во Скопје.

„Овој натпревар е од големо значење, мислам дека Црвена Звезда погоди во центар со организацијата на настанот. Многу ми е мило што „црвено-белите“ дојдоа во Скопје да играат хуманитарен натпревар, за семејства кои претрпеа големи загуби“, нагласи Петровиќ.

Голем број на љубители на фудбалот го поддржаа овој хуманитарен настан.

„Навивачите беа во голем број, Црвена Звезда одамна не гостувала во Македонија. Од друга страна, многу навивачи од Скопје доаѓаат на натпреварите на Црвена Звезда. Од таму дојдоа големи легенди, Најдоски и Канатларовски, а нашиот клуб е длабоко поврзан со македонскиот фудбал. Настанот беше исклучително убав и благодарност до раководството на клубот што го организираше ова“, додаде легендата на Црвена Звезда.

Инаку натпреварот меѓу Вардар и Црвена Звезда заврши со победа на српскиот шампион од 1-3.