Пиза донесе 40-годишен светски и европски шампион

Фудбалска Италија доби уште едно големо име. Новиот прволигаш Пиза денеска официјално го претстави искусниот шпански дефанзивец Раул Албиол, кој пристигнува како слободен играч по заминувањето од Виљареал на крајот на минатата сезона.

Албиол, кој за два дена ќе го прослави својот 40. роденден, зад себе има блескава кариера во која ги носеше дресовите на Валенсија, Реал Мадрид, Наполи и Хетафе.

За репрезентацијата на Шпанија запиша 58 настапи, а со „црвената фурија“ се закити со титула светски првак (2010) и двапати стана европски шампион (2008, 2012).

Искусниот стопер може да се пофали со импресивна статистика: 394 натпревари во Ла Лига, 180 во Серија А и 71 настап во Лигата на шампионите, што е гаранција дека Пиза добива лидер и огромно засилување во одбраната.