• Мартин Танасковски

Новото засилување на Вардар, Мигел Пиреш, со голем респект зборуваше за својот нов клуб по доаѓањето од редовите на Силекс, нагласувајќи дека историјата и традицијата на „црвено-црните“ биле клучни за неговата одлука.
Португалскиот фудбалер истакна дека никогаш нема да ги заборави деновите поминати во Силекс, но потенцираше дека повикот од Вардар бил можност која не можел да ја одбие.
„Вардар е еден од најдобрите и најголемите клубови на Балканот. Имам огромна почит кон Силекс и никогаш нема да го заборавам периодот што го поминав таму, но кога дојде понудата од Вардар немав многу дилеми“, изјави Пиреш.
Тој откри дека во игра била и понуда од Шкендија, но пресудна била големината на клубот од Скопје.
„Имав понуда и од Шкендија, но го избрав Вардар поради неговата историја. Сите знаат каков клуб е Вардар, што има постигнато во минатото и какви успеси има зад себе. Тоа беше многу важно за мојата одлука“, нагласи новото засилување на шампионот.
Пиреш не сакаше да лицитира со бројки кога станува збор за головите и асистенциите, но испрати јасна порака за амбициите во новата сезона.
„Не можам да ветам колку голови или асистенции ќе имам, но можам да ветам дека ќе направам сè што е во моја моќ за тимот да победува. Во Вардар нема друга опција освен победа и освојување трофеи“, порача Пиреш.
Португалецот ќе биде дел од тимот на Кристијан Фабиани во сезоната во која Вардар ќе ги брани шампионските ловорики и ќе настапува во квалификациите за Лигата на шампионите.
