• Иван Димовски

Фудбалерите на Милан се во нова црна серија, го забележаа вториот првенствен пораз во последните три рунди на Серија А. „Росонерите“ загубија од Удинезе (3-1), па веројатно добро ќе им дојде репрезентативната пауза за консолидирање.
По неуспехот во Удине, тренерот Стефано Пиоли беше самокритичен, ја призна грешката и практично нагласи дека не би изненадил отказ во клубот.
„Исклучително сум разочаран. Направивме премалку во Серија А на последните дванаесет натпревари, забележавме само четири првенствени победи. Какво и да ми е расположението, мора да бидам искрен, не завршив добра работа. Кога екипа ќе одигра вака, без да покаже ништо е виновен тренерот. Не бевме агресивни, интензивни и фокусирани. Тоа значи дека тренерот не одработел добро и секој кој размислува за моја смена е во право, без разлика дали е навивач или некој друг. Во голем проблем сме, место во првите четири е клучно за спас на сезоната во текот на паузата“, рече Пиоли.
Трката за скудетото е загубена, меѓутоа пред Милан е битка во четвртфиналето на Лигата на шампионите токму против идниот првак на Италија, екипата на Наполи и Ељиф Елмас.