Пиоли: Самите си го комплициравме животот, Лил ги казни грешките

Екипата на Милан потфрли на домашниот дуел против Лил во Лигата на Европа и загуби убедливо со 0-3. Францускиот тим беше „убиствен“ и ги казни сите грешки кои „росонерите“ ги направија, па со трите гола на Јусуф Јазиџи стигна до бодовите од овој меч.

Предводникот на Милан, Стефано Пиоли по натпреварот призна дека неговиот тим многу грешел, а имаше и пофални зборови за Лил.

„Се сретнавме со многу силен тим, па почнавме да си го комплицираме животот. Мислам дека можевме да бидеме поопасни, но против така брз тим откако примивме гол, им дадовме премногу простор и Лил ја казни секоја грешка. Ќе го анализираме нашиот перформанс, по долго време ќе има повеќе негативни работи за анализа. Не се докажавме добро, ама противникот беше тежок.

Мислев дека го изнесов најдобриот тим на теренот, балансиран, ама компетитивен. Играчите одиграа добро, ама не бевме опасни во нападот. Јас се чувствувам добро во Милан, опкружувањето е неверојатно. Многу компоненти се позитивни и на вистински пат сме, па мотивацијата е на високо ниво“, смета Пиоли.

Милан загуби првпат по стартот на сезоната, ама и крајот на претходната, бидејќи последен пораз пред Лил тимот од „Сан Сиро“ беше поразен од Џенова во март годинава.