Пиоли: Ние сме Милан, против Ливерпул ќе одиме на победа

Екипата на Милан се врати во Лигата на шампионите по пауза од седум години. Завршувајќи како второпласиран тим во Серија А минатата сезона, „росонерите“ се изборија за место во елитата, а ждрепката посака да играат со Ливерпул, Атлетико Мадрид и Порто

Иако нема да биде лесно, предводникот Стефано Пиоли нагласи дека Милан мора да игра офанзивно и да не потклекнува пред ривалите.

„Мораме да бидеме интелигентни на теренот, Ливерпул е секогаш агресивен. Ние пораснавме како тим од минатата година, работевме напорно да се подобриме. Ние сакаме да испишеме сопствена историја во Лигата на шампионите. Минатата година покажавме дека можеме да се надигруваме со поквалитетен тим, како Манчестер Јунајтед

Мора да одржиме високо темпо во Италија и Европа. Милан мора да биде среќен ако ја минеме групата. Јас не сакам да кажам: „Во ред, противниците се посилни“. Ние сме Милан, против Ливерпул ќе играме на победа, дури и ако не успееме, ќе играме офанзивно и нема да чекаме ништо да ни падне од небото. Треба да се обидеме да играме како Милан, дојдовме до ова место со добра игра. Мора да дадеме максимум во секој натпревар, од прва до последна минута. Дури тогаш, на крајот на Лигата на шампионите ќе бидеме среќни бидејќи сме дале сè од себе“, изјави Пиоли.

Првиот натпревар и кам-бекот на големата сцена за Милан ќе биде гостувањето на „Енфилд“ кај Ливерпул, вечерва од 21:00 часот.