Пиоли ги потроши „кредитите“ и е на излезната врата во Милан

Четвртфиналната елиминација на Милан во Лига Европа по двомечот со Рома веројатно ја „прели чашата“ и Стефано Пиоли ги потроши последните кредити. 

Италијанскиот стручњак кој пред две сезони му донесе скудето на Милан по долга пауза од повеќе од една деценија, сепак е на крајот од кариерата во овој клуб. На „росонерите“ им е потребна нова енергија и идеи, а секако дека во таков случај прво се гледа кон промена на тренерот. 

Пиоли беше близу до отказ уште во декември, меѓутоа тогаш пронајде излез од кризата и остана на клупата. Управата одлучи да му даде уште една шанса да се извлече и да си заработи нов договор. Сепак, елиминацијата во Лигата на Европа и фактот дека Даниеле де Роси го надмудри во двата натпревари се пресудни. 

За ситуацијата пишуваше и Фабрицио Романо, кој нагласи дека Стефано Пиоли во јуни ќе добие отказ. Милан веќе бара алтернативи за следната сезона, се споменуваа повеќе имиња, а главни кандидати низ претходните месеци беа Антонио Конте, Тиаго Мота и уште неколку млади тренери.