Пиоли е за промени во фудбалот, сака воведување тајм-аут

Предводникот на Милан, Стефано Пиоли врши одлична работа на кормилото на „росонерите“. Неговиот тим во моментов е на делба на првата позиција во Серија А, а по минатогодишниот фото-финиш и второто место, Милан се врати во Лигата на шампионите. 

На еден од последните тренинзи на клубот беше кошаркарскиот тренер, Серхио Скариоло, а тоа го поттикна Пиоли да размислува за промени.Италијанецот со последната изјава ги зачуди медиумите на „чизмата“, но и пошироко. Имено, Пиоли смета дека треба да се воведе начин на подобра комуникација со играчите, како кошаркарски тајм-аут.

„Би сакал повеќе да комуницирам со играчите за време на натпреварите, јас би вовел тајм-аут и во фудбалот. Така би можел да давам посебни и прецизни упатства, додека на полувреме се обидуваме да комбинираме тактички и технички совети со мотивирачки говори. Исто така, сметам дека се потребни методи за мерење на времето на активна игра, моментално се губи премногу време“, смета Пиоли.

Иако е нереално барем сега да се размислува за овие промени, најблизу до реализација на идејата на Пиоли беа судиските тајм-аути на топло време. Покрај тоа што играчите ги користеа за освежување, тренерите делеа совети барем двапати во текот на натпреварите.