Пиоли: Атлетико ни е последна шанса во Лигата на шампионите

Фудбалерите на Милан ги чека тешка задача на гостувањето кај Атлетико Мадрид во петтото коло во Лигата на шампионите. Откако на „Сан Сиро“ загубија со човек помалку и спорни судиски одлуки, мотивите на „росонерите“ се јасни. Стефано Пиоли го најави натпреварот со „јорганџиите“ во Мадрид.

„Мојата работа е да го подготвам тимот, а во овој случај тоа не е лесно. Натпреварот против Атлетико ни е последна шанса и огромна можност. Досега не успеавме да победиме во четирите кола во Лигата на шампионите, и покрај тоа што покажавме дека припаѓаме тука. Мора да одиграме перфектен натпревар“, изјави Пиоли.

Покрај него, на прес-конференцијата зборуваше и играчот за врска Сандро Тонали, кој изјави: 

„Во оваа група немаме само победа, а тоа мора да го исполниме сега. Игравме против силни ривали, кои се многу понавикнати да се натпреваруваат во Лигата на шампионите од нас. Мора да се фокусираме во сите 90 минути“. 

Милан е далеку од првите две позиции бидејќи има само еден бод. Сепак, со победа на „Ванда Метрополитано“ вечерва од 21:00 часот, ќе останат надежите за пласман во нокаут рундата.