Пикси првпат проговори за аферите и скандалите во Катар

Селекторот на спрската фудбалска репрезентација, Драган Стојковиќ-Пикси, за првпат јавно проговори за случувањата и скандалите што ги следеа „орлите“ за време на нивниот престој во Катар

Србија не успеја да ја мине групата на Светското првенство, иако беше многу блиску до тоа. Се чинеше дека играчите и селекторот самите го загубија клучниот натпревар со Швајцарија, а јавноста сметаше дека постоела огромна недисциплина меѓу играчите. Многумина објавуваа и пишуваа за наводни тепачки, неверства, конзумирање алохол и доцни забави и дека во хотелот можел да влезе кој сака, но селекторот ги демантираше сите овие шпекулации. 

„Секогаш сме сакале фарси, афери, искривувања на реалноста. За мене тоа е нормално, затоа што не победувавме. Кога победуваш, никого не го интересира дали можеби си се напил некоја чаша претходната вечер, сите те величат како херој. Жал ми е што не победувавме, зашто во тој случај ништо од ова немаше да има“, вели Стојковиќ. 

Селекторот отворено искоментира за неколку измислени афери во текот на Мундијалот. Тој беше дури и прилично револтиран, а вели дека е срамота што луѓето фабрикуваат вакви небулозни „тврдења“. 

„Никој не можеше да влезе во хотелот, тоа се измислици. Какви жени, какви неверства, тепачки? Кој ви го кажал тоа, јас навистина не знам. Видов две-три од сопругите на играчите кои дојдоа да се поздрават, но тоа беше сè. Бевме потполно изолирани од јавноста. Организацијата беше перфектна, а исто така и дисциплината на играчите. Време е сите да престанат со набивање негативна енергија и ужасни измислици“, заклучи селекторот Стојковиќ. 

Србија на Мундијалот во Катар беше во група со Бразил, Швајцарија и Камерун. „Орлите“ ремизираа со африканскиот тим, додека во клучниот натпревар загубија од Швајцарија и испаднаа во директниот дуел за пласман во осминафиналето.