• Горан Упале

Српската фудбалска легенда, Драган Стојковиќ, останува на чело на репрезентацијата. Иако „орлите“ не обезбедија пласман во осминафиналето на Европското првенство во Германија, поранешниот репрезентативец на Југославија истакна дека играта на неговите избраници била позитивна.
Стојковиќ беше дел од финалето во Берлин, каде имал средба со неколку фудбалски стручњаци, кои му дале поддршка во неговата работа во селекцијата на Србија.
„Се сретнав со неколку големи фудбалски имиња. Разговарав со Капело, Венгер, Клоп, Бенитез, Дејвид Мојс и уште неколкумина. Нивното мислење не се разликуваше премногу од анализата што ние ја направивме и ја доставивме до Управниот одбор. Капело ми кажа дека не сме заслужиле да загубиме од Англија. Ми рече дека не беше толку лошо, но за да се победи мора да се постигне гол. Советот од сите ми беше ист, да останам со главата горе, да извлечам поуки, да го освежам тимот во иднина. Им се допадна мојата идеја за подмладување на репрезентацијата“, изјави Стојковиќ.
Потоа српскиот селектор го коментираше одиграниот турнир на Шпанија и освојувањето на првото место.
„Од првата до последната средба на овој шампионат беше очигледно дека Шпанците се доминантни во сите сегменти на фудбалската игра во однос на своите противници, а имаа навистина силни ривали. Рекордите што ги урнаа на патот до овој трофеј доволно говори за нивната супериорност. Тие одиграа беспрекорно, демонстрираа техника, брзина, пресинг, беспрекорна физичка подготвеност. Зборував со колегите за време на финалето, сите се согласни дека голема предност им е што Де ла Фуенте стана селектор откако долги години работеше во младите категории. Сите овие играчи настапувале за него, тој ги знае овие деца „во душа“. Знаеше што можат да понудат и како да го извлече максимумот од секој од нив“, додаде легендарниот Пикси.
Србија на Европското првенство во Германија загуби од Англија и одигра реми со Словенија и Данска.