Пикси е нов селектор на Србија, Гвангжу ќе добие четири милиони евра

Драган Стојковиќ – Пикси е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Србија. Легендата на српскиот фудбал и еден од најдобрите фудбалери на овие простори во историјата, за тамошните медиуми потврди дека негов нов предизвик ќе биде токму селекторската клупа на „орлите“.

Според најавите тој ќе биде селектор на Србија во следните два циклуса, во кои ќе се бори за пласман на Светското првенство во Катар и следното Европското првенство. 

Така, конечно заврши приказната за наследникот на Љубиша Тумбаковиќ, кој го напушти кормилото на „орлите“ на 15 декември минатата година.

Веднаш по заминувањето на искусниот стратег, името на Стојковиќ беше едно од најпознатите меѓу сериозните кандидати. Проблемот беше во тоа што поранешниот ас на Црвена Звезда имаше активен договор со Гвангжу, кој доби голема сума за раскинување на договорот, која се верува дека е близу четири милиони.