Пикси: Би ја сменил историјата на финалето меѓу Црвена Звезда и Марсеј, но...

Селекторот на српската репрезентација, Драган Стојковиќ - Пикси, имаше интервју за официјалниот канал на Олимпик Марсеј, клубот за кој настапуваше во периодот меѓу 1990 и 1994 година. 

Поранешниот фудбалер беше дел од Црвена Звезда, но замина во Марсеј една година пред епското финале во кое „црвено-белите“ го освоија престижниот трофеј од тогашниот Куп на шампионите. Стојковиќ финалето во Бари го започна од клупата за резерви, а сега ги изнесе неговите искрени мислења за тој натпревар. 

„Тренерот Гутелс реши да ме остави на клупата, а јас бев исклучително лут поради тоа. Тој беше несомнено одличен тренер и голем човек, но тоа финале против Црвена Звезда нема да го заборавам никогаш. Многу сакав да се соочам директно со моите поранешни соиграчи и верувам до ден денес дека имавме многу силен тим кој можеше да дојде до трофејот. 

Една недела претходно, одиграв сјаен натпревар против Ница и бев убеден дека во финалето ќе бидам во почетниот состав. Сепак, добив шанса во самиот финиш на мечот и мислам дека тренерот погреши, затоа што јас бев играч кој може да го добие натпреварот. Тоа беше голем ден за Звезда и за Југославија, но за мене останува еден од најтешките моменти во кариерата. Би сакал да ја променам историјата, но тоа не е возможно“, изјави Стојковиќ. 

Финалето помеѓу Олимпик Марсеј и Црвена Звезда беше решено по пенал-рулетот. Токму нашиот Дарко Панчев беше автор на победоносниот удар од единаесет метри и на тој начин белградскиот тим стигна до единствената титула во историјата на елитното натпреварување.